20.07.2019

Седми ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Последен ден од кампот. Утринска гимнастика- паковање на куферите за дома. Некој ќе замине дома со организиран превоз, а дел ќе ги земат родителите.
Но пред тоа доделување на сертификати и медали- медењаци со логото на БОБ на сите учесници на кампот: тренери, деца, франшизер.
За крај роденденска забава. Едно од дечињата има роденден.
А тука се и петките со кои дечињата го оценија кампот.
Доаѓа најтешкиот дел – разделба. За овие седум дена дружење покажавме дека сме вистинско БОБ семејство на чело со професионален тим. Зад себе оставивме еден успешно реализиран камп. За него ќе говорат учесниците и фотографиите кои ги има во изобилство.

19.07.2019

Шести ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Шестиот ден го започнавме во ритамот на румба, зумба, самба. Работилницата за декорирање на стаклени теглички со техника декупаж предизвика голем интерес кај децата. Топлото време ни овозможи да уживаме на плажа. Нашите активности не би биле целосни ако не организиравме работилница за правење оригами и тоа со езерски мотиви (лебед, рипче, бротче). Својата креативност децата ја покажаа сликајќи на камења, со бои.
Последна вечер од кампот. Забава со аниматор и воедно запознавање со професијата аниматор. Сликање на детското лице и раче.

18.07.2019

Петти ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Уште еден сончев ден. Утрото го поздравивме со јога вежби. По појадокот се упативме кон древниот Охрид. 149-те скали не беа пречка да стигнеме до Горна порта и да направиме обиколка на сите културно – историски споменици што се наоѓаат во стариот дел од градот (Самуиловата тврдина, Плаошник, Св. Јован Канео, Св. Софија…)
Нè очекуваше уште едно изненадување, посета на центарот на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. Вештачката карпа, дел од опремата за спасување на планина, го привлекоа и поттикнаа детското внимание и љубопитност.
Попладневните часови ги резервиравме за дружење и игри во и покрај вода.
Своите способности, вештини, таленти во пеење, играње, рецитирање, спорт и сл. ги покажаа во ,,Талент шоуто” што го организиравме во вечерните часови.

17.07.2019

Четврти ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Денот го започнавме со прошетка и вежби покрај Охридското Езеро играјќи кој подалеку ќе фрли камче 🙂 .
Со организиран превоз се упативме кон Вевчани – надалеку познатото село по Вевчанските извори и Вевчански карневал. Уживавме во прекрасната природа и планинскиот воздух, а имавме место и време за игри во забавниот парк во Виа Игнација.
Времето во попладневните часови го пополнивме со Приказната за една идеја ( за хуманитарната мисија на Анри Динан – основоположникот на Црвениот крст). Изработивме означувачи за книги со логото на Бреинобреин.
Се освеживме пливајќи во езерските води.
Вечерта ја заокруживме со заедничко следење на анимиран филм ,, Тајниот живот на животните”.

16.07.2019

Трет ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Временските услови не беа пречка за успешна реализација на едукативно-креативните работилници (танграм, филигран од хартија и многу други) кои го поттикнаа креативниот дух кај децата.
Како неизоставен дел беа и вежбите на абакус.
Децата учесници на кампот се воведоа во програмата MindHub, се запознаа со поимот програмирање и имаа можност практично да го применат наученото, програмирајќи го однесувањето на роботите.
Сликите сами по себе говорат за задоволството од успешно завршените активности.

15.07.2019

Втор ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Вториот ден го започнавме со утринска гимнастика во преубавиот двор на хотел Солферино. Откако се загреавме со фитнес и јога вежби, појадувавме и продолживме со едукативна работилница на тема “Заштеда на енергија и примена на обновливи извори на енергија”. Овде, дечињата научија многу нови работи и на креативен начин ги споделија своите идеи поврзани со оваа тема.
Сончевиот ден ни овозможи незаборавна дружба на нашата плажа каде дечињата уживаа во водените лудории.
Во попладневните часови, дружбата продолжи во дворот со забавни, друштвени и тимски игри.
Денот го завршивме со мала забава, исполнета со музика, танцување и пеење, на која дечињата си поминаа лудо и незаборавно.

14.07.2019
Прв ден BRAINOBRAIN SUMMER FUN CAMP

Со забавни друштвени игри и меѓусебно запознавање го означивме почетокот на нашата летна авантура! Се збогативме со нови другарчиња – освен заедничката љубов кон Бреинобреин не поврзуваат исти активности, интереси, музика, спорт, хоби… дознавме колку многу сме слични и имаме исти размислувања.
Во вечерните часови, имавме активност за запознавање на градот Струга на еден поинаков начин. Преку претходно подготвена мапа, дечињата подготвуваа стратегија за пронаоѓање на обележјата на градот и на интерактивен начин научија по неколку факти за следните обележја: спортското игралиште,, Караорман”, Турски парк, Мостот на поезијата, Дом на култура ,, Браќа Миладиновци”, Парк на лауреатите на Струшките вечери на поезијата, како и песната Т’га за југ… Мапата беше успешно пополнета, а дечињата во заеднички разговор ги сумираа своите впечатоци од прошетката.
Со тоа го заокруживме денот, а дечињата задоволни и исполнети ја продолжија дружбата во своите соби.